Здравиот животен стил помага во превенција на срцевите заболувања, дијабетес тип 2, прекумерна тежина и разни хронични заболувања. Покрај тоа, една од најважните придобивки од здравите животни навики е зајакнувањето на имунитетот.
Имунолошкиот систем е способност на телото да се заштити од инфекции и болести. Нашиот имунолошки систем се бори со различни предизвици, од вирусите на настинка и грип до сериозни состојби како што е ракот.
Прашањето е: што можеме ние да направиме за да го зајакнеме нашиот имунитет?
Денес ќе ги споделиме најважните совети кои доколку ги примените во секојдневниот живот, ќе ви помогнат во зајакнување на имунолошкиот систем, превенција и полесно справување со различни здравствени состојби.
1. Здрава исхрана
Здравата исхрана е темел на цврстиот имунолошки систем. Поради тоа, потребно е исхраната да ја базирате на многу овошје и зеленчук, немасни протеини, цели зрна и млеко и млечни производи без маснотии или со малку маснотии. Здравата исхрана значи и ограничување на заситените масти, холестеролот, солта и додадените шеќери. Внесувањето здрава храна во организмот обезбедува хранливи материи кои ја поддржуваат оптималната имунолошка функција.
2. Редовна физичка активност
Редовната физичка активност помага да се чувствувате подобро, да спиете подобро и да ја намалите анксиозноста. Во комбинација со здравата исхрана, физичката активност може да му помогне на човекот да одржи здрава телесна тежина. Следењето на препораките за физичка активност за вашата возраст дава непосредни и долгорочни придобивки.
Според истражувањето објавено во Journal of Sport and Health Science, вежбањето со умерен интензитет може да го стимулира клеточниот имунитет со зголемување на циркулацијата на имуните клетки во телото. Ова му помага на вашето тело подобро да се подготви за идна инфекција, со тоа што ќе ја открие порано.
3. Здрав сон
Научните докази покажуваат дека недоволното количество на сон може негативно да влијае на различни делови од имунолошкиот систем. Ова може да доведе до развој на широк спектар нарушувања. Луѓето кои немаат квалитетен сон или не спијат доволно имаат поголема веројатност да се разболат откако ќе бидат изложени на вирус, дури и доколку се работи за обична настинка. Недостатокот на сон може да влијае и на тоа колку брзо ќе закрепнете откако ќе се разболите.
4. Откажување на лошите навики
Според податоците на Centers for Disease Control and Prevention (CDC), употребата на цигари предизвикува повеќе од 7 милиони смртни случаи годишно во светот. Доколку трендот на употреба на цигари во светот не се промени, повеќе од 8 милиони луѓе годишно ќе умираат од болести поврзани со употребата на цигари до 2030 година.
Покрај ова, консумирањето на алкохол е уште една лоша навика која може да остави трајни последици по здравјето на човекот. Според CDC, една од многуте негативни последици од употребата на алкохол е слабеење на имунолошкиот систем и зголемување на шансите да се разболите.
5. Изложеност на сончева светлина
Сончевата светлина е примарен извор на природен витамин Д, кој многу малку доаѓа од храната. Витаминот Д има имуномодулаторни ефекти кои можат да го подобрат имунолошкиот систем на телото. Доколку на организмот му недостасува витамин Д, тој станува подложен на вируси и бактерии. Секојдневното изложување на сонце во времетраење од 10 до 15 минути ќе ви помогне да го зајакнете имунолошкиот систем.
Кога не сте во можност доволно да се изложите на сончева светлина, потребно е да внесете витамин Д за да го подобрите имунолошкиот систем. Кои се тие ситуации?
- Во есенските и зимските месеци, помеѓу септември и април;
- Во текот на целата година, ако во текот на летото нема соодветно изложување на сонце;
- Во текот на целата година, за постари лица (над 65 години), бидејќи ефикасноста на синтезата на витамин Д во кожата е намалена кај постари лица.
Детрикал помага во одржување на здрави коски, одржување на нормална мускулна функција и нормална функција на имунолошкиот систем.

Примената на овие совети ќе ви помогне да го подобрите имунолошкиот систем. Грижете се за себе за да му помогнете на вашиот имунолошки систем да се грижи за вас.