Mariovo Off Road 2018 – аутдор авантура по седми пат

Од 11 до 13 мај, Мариово е местото кое веќе традиционално ќе им посака добредојде на сите авантуристи и вљубеници во аутдор спортови. По седми пат, оваа прекрасна македонска локација е домаќин на Mariovo Off Road 2018настан подмачкан со Allga San што годинава покрај тоа што нуди забава и спортување, воедно има и хуманитарен карактер. За новитетите и програмата разговаравме со Слободан Трајковски, човекот кој е задолжен за неговото одржување.

1. Mariovo Off Road седмо издание. Што е на програмата за оваа година?
– Секоја година се трудиме да го задржиме основниот мотив зошто одиме во Мариово, а тоа е уживањето во природата и прекрасниот амбиент што го нуди областа. Така и оваа година подготвивме програма која што ќе понуди многу уживање, истражување и авантура. Мислам дека ова ќе биде едно од најтивките години до сега каде што ќе ѝ оставиме на околината да ни свири и да не заспие. Сакаме полека Мариово да биде како на почетокот – место каде што сите ќе доаѓаат заради убавините на Мариово и заради дружењето. Ќе има многу спортови и една нова активност. Кампот ќе биде отворен во петок попладне на 11 мај, саботата имаме велосипедизам со почеток во 10 часот, а во недела и другите планирани спортови што сме ги имале и на претходните изданија.

2. Каде и како до влезници за фестивалот?
– Оваа година нема да има влезници и стартен пакет како до сега. Се трудиме трошоците да ги сведеме на минимум со оглед на карактерот на фестивалот, а притоа да собереме одредена сума која што ќе биде донирана. Влезница во износ од 300 денари ќе биде во форма на донација што ќе биде оставена во кутија на влезот од кампот.

3. Годинава, настанот има хуманитарен карактер. Кажете ни повеќе…
– Оваа година фестивалот го организираме како поддршка на нашиот пријател Ѓоко Коколански којшто е во фаза на закрепнување после преживеаниот мозочен удар. Од Мариово сакаме да му упатиме огромна морална и мала финанскиска поддршка и желба за скоро опоравување. Сигурни сме дека му значи ова што го правиме. Џоле е наш пријател велосипедист и основач на здружението ВЕЛОЕВРОПА.

4. За планински велосипедизам за прв пат е поместен. Причината за тоа…
– Тоа е уште една измена што ја имавме како идеја и во претходните години. Со цел гостите да можат да земат учество во повеќе активности велосипедизмот го закажуваме за сабота со старт во 10 часот, а во недела да можат да одат на планинското трчање, планинарењето или да изведат некој факултативна посета на околината. А тука има и уште еден безбедносен аспект. Искуството од претходните години ни остави впечаток дека гостите во саботата остануваат до доцна во ноќта, па неделата треба да возат точаци и се исцрпуваат и после ручекот со последни сили треба да возат кола уште три часа до Скопје. На овој начин, тие имаат можност да тргнат накај дома кога сакаат во недела, одморени и исполнети со убави впечатовци. Уживањето во велосипедизмот е поголемо кога сме поодморени.

5. За седмото издание на Mariovo Off Road како седми спорт е одбран оф роуд возење. Како дојдовте до оваа идеја?
– Секое издание на фестивалот претставуваме нов адреналински спорт што може да се применува по ридовите низ Мариово. Ова активност сме ја имале на ум и претходните години, но сега со огромна радост ја реализираме. Спонтано се најдовме со Владимир од оф роуд клубот 4×4.mk и за кратко ја договоривме соработката и активностите што тие како клуб би ги изведувале. А тоа е возење низ прекрасните, а сепак непристапни предели на Мариово со нивните теренски возила. Навистина сме горди на соработката со нив. Сакам да напоменам дека нивната рута ќе биде целосно различна од онаа на велосипедистите и нема да имаат никаков контакт. Тоа го правиме од безбедносен и амбиентален аспект.

6. Во рамки на годинешната програма ќе се искачува и врв од „Планинарски предизвик 12 Врвови“…
– Соработката со планинарите од Трансверзалец продолжува и оваа година со репризното искачување на врвот Висока на 1.471 м.н.в како дел од планинарската акција „12 Врвови“. Идејата за оваа активност ни дојде на првото искачување на врвот во месец март, кога во снежни услови го искачивме врвот и го посетивме античкиот град Пелагон, старата македонска гробница во Старо Бонче и селото Бонче. Патеката изобилува со историја, археологија и приказни и многу вреди да се посети и по втор пат за оние кои што не беа во можност да дојдат на првото искачување.

7. Кој ви е најдрагиот момент од сите досегашни изданија на фестивалот?
– Тој момент ми се повторува секоја година на последниот ден од фестивалот кога ќе видам дека паркингот за коли е празен, што значи дека сите гости сигурно стигнале на целта и среќни и задоволни си заминале дома. Друг драг момент ми е вака кога ќе си ги видам сите пријатели на куп весели, исполнети, се дружат, разговараат, разменуваат искуства, уживаат во Македонија. Друг драг момент ми беше признанието што го добив од семејството Јовановски во 2015 година. Друг драг момент ми е добивањето на Третоноемвриската награда од Општина Прилеп за развој на спортот и туризмот во 2015 година, токму заради заслугите во Мариово. И друг драг момент ми е кога дојдоа мајка ми и татко ми во Мариово.

8. Кои спортови би сакале да ги видите во иднина на Mariovo Off Road?
– Областа Мариово претставува неисцрпна инспирација за аутдор спортови. Си замислувам дека еден ден ќе можеме да ставиме порта на преминот Слива на која што ќе пишува „Добродојдовте во Мариово – најголемиот центар за аутдор спортови во светот“. Затоа, освен велосипедизам, планинско трчање, планинарење, аеробик, болдеринг, спелеологија, возење со теренски возила, сметаме дека уште има простор за кајакинг, параглајдинг, ориентација и дурги спортови. Сите ќе си дојдат со текот на времето.

9. Mariovo Off Road е посебен, автентичен настан. Дали мислите дека го добива вниманието што го заслужува?
– Моето искуство вели дека настанот ќе добие онолку внимание колку што ќе му посветите. Во однос на тоа дали заслужува поголемо внимание од јавноста, тоа секако е недоволно, но и тоа ќе си дојде со текот на времето. Фестивалот има огромен потенцијал, но сè уште сметам дека треба да го градиме постапно и да го поставуваме на здрави основи. Секоја година откриваме нови работи што можеме да ги смениме или подобриме затоа што откриваме дека во одредени сегменти потфрламе. Но, секако се трудиме да ги наоѓаме недостатоците и да ги поправаме.

10. Последниве години интересот за планинарење, вело тури и запознавање со убавините на Македонија сè повеќе расте. Дали постои простор да се направи уште повеќе на ова поле?
– Се сложувам дека постои уште простор за развој на ова поле. Токму тоа е една од целите на фестивалот, а тоа е да извлече што е можно поголем број на луѓе кои вистински се подготвени да уживаат во Мариово, да излезат од градот, да спортуваат и да ги чувствуваат придобивките од тоа. И среќен сум дека сè повеќе Македонци излегуваат од дома, ги посетуваат ваквите настани и фестивали, самоиницијативно се организираат и ја запознаваат Македонија и сè повеќе ја сакаат.

11. За крај – што ќе порачате на оние што ќе го посетат фестивалот и оние што уште се мислат 🙂
– Повелете во Мариово да уживаме и да се наполниме со адреналин. Но, сепак имајте на ум: БЕЗБЕДНОСТА ПРЕД Сè – МИСЛЕТЕ НА СЕБЕСИ, НА ТИЕ ОКОЛУ ВАС И ОНИЕ ШТО ВЕ ЧЕКААТ ДОМА!!!