Mariovo Off Road 2017 – фестивал што не смее да се пропушти

Од 12 до 14 мај годнава, Мариово ќе биде центарот на кој ќе се соберат вљубениците во природата и спортот. Причината е Mariovo Off Road Experience 2017 – аутдор фестивал подмачкан од Allga San, што се одржува веќе шеста година. За програмата, новитетите, локацијата, мештаните, разговаравме со Слободан Трајковски – човекот кој е заслужен за постоењето и постојаната надградба на овој настан.

1.Мариово Офф Роуд vol.6. Накратко, што вклучува програмата?
– Се чувствувам исто како кога почнавме во 2012. Оваа година со посебна радост го најавуваме фестивалот токму заради програмата. Mariovo off-road experience 2017 ќе нè потсети на првите години кога во Мариово одевме заради природата, возбудата од спортувањето и тишината. На програмата ќе имаме ноќна вело тура во петокот, планинско трчање, болдеринг и спелеологија во саботата, и велосипедизам и планинарење во неделата.

2.Каде може да се купат карти за настанот?
– Картите може да се најдат на продажните места на kupikartizase.com и на телефон 078400047 по цена од 600 денари.

3.Кои новитети се предвидени за годинава?
– Нов термин, нова локација и нови активности. Новитет е ноќната вело тура што ќе можат да ја возат првите гости кои ќе дојдат петокот попладне. Турата ќе посети неколку мариовски села, ќе се вози на полна месечина, ќе има мало предавање за Мариово и ѓезме на едно посебно место. Друг новитет е спелеологијата што ја воведуваме како шести спорт на шестото издание, а ќе се изведе во саботата и ќе ја посети Мелничката пештера. Имаме и потивка чалгиска музика која што идеално ќе се вклопи во амбиентот.

4.Кој дел од програмата најмногу ти прави мерак?
– Оваа година мотото на фестивалот е „Уживаме во Мариово“. Си го правиме токму за душа. За тоа уживање најмногу ќе придонесе чалгискиот оркестар при МРТ што ќе ги изведе најубавите староградски песни, на оригинални староградски инструменти. Си замислувам како си седиме на ливадата со мезенце, ракивче, пивце, и си уживаме во звуците што го исполнуваат просторот. Мислам дека созреавме малку. Па да пробаме и друг тип на музика.

5.Нова година, нова локација. Зошто го одбравте манастирот Свети Илија?

– Едноставно сакавме да понудиме нешто ново. Новиот термин го одбравме како поука од минатогодишното жешко време кога многу од учесниците завршија дехидрирани. Со надеж дека оваа година времето ќе ни се смилува и нема да биде толку жешко. Новата локација, манастирот Свети Илија, го одбравме заради подобрата логистичка покриеност што ја добиваме на ова место. Манастирот е покрај главниот пат што води за Витолиште, има поголем простор за сместување и паркинг. Во близина е Мелничката пештера, врвот Панделе и селото Мелница. И тука сме одлично примени од домаќините и веќе имаме одлична соработка. Баба Нада е прекрасен домаќин.

6.Што друго ќе опфати уметничкиот дел покрај староградски песни?

– Освен чалгиите во саботата музика ќе пушта и диџеј Торта, на кого што кога му објаснував каква музика сакам да пушта, само ми рече: „плажа“. Тоа, тоа. Тивко, опуштено, поспоро од претходните години. Торта веќе се одомаќини на Мариово и баш ми е мило дека се разбираме и си соработуваме толку години.

7.Приказната за Мариово Офф Роуд постојано се збогатува и расте посетеноста. Колку учесници очекувате годинава?

– Досега Мариово го имаат посетено преку 2500 авантуристи, за време на фестивалскиот викенд, тим блидинг активностите што ги организираме со неколку компании од Македонија и неколкуте викенд тури што сме ги организирале за домашни и странски гости. Она што Мариово има да го понуди веќе е прифатено како единствено во цела Македонија. Затоа и нашата публика веќе се дефинира како луѓе кои што навистина знаат да уживаат во тишината, предизвикот и позитивната енергија што ја добиваат престојувајќи таму. Затоа оваа година очекувам бројката да биде помеѓу 400 и 500 учесници, според искуствата од претходните години.

8.За гостопримливоста на мештаните…

– Мариовци се познати како многу чешит луѓе. Некои ќе ви ги опишат како затворени, но она што ние го добиваме од нив е онаа типична македонска гостопримливост што ти го полни срцето. Од локалното население добиваме огромна поддршка и тие се многу важен дел од целата приказна. Секаде нè примаат со радост. Со жар ни ги кажуваат нивните идеи за тоа што друго треба да прикажеме од Мариово, какви промени треба да воведеме и помошта која што можат да ни ја понудат. Најубаво ми е кога ја возиме рутата или некаде планинариме, и ќе се сретнеме со некој Мариовец и ќе почне да ни раскажува историја и приказни за крајот. На муабетот крај му нема.

9. Што е со странците? Како тие го доживуваат овој настан?

– Да ти кажам право, странците и Македонците исто ги доживуваат и настанот и Мариово. Областа за сите е подеднакво непозната, несекојдневна, мистериозна. Дури и за мене. Секое одење таму, секое следно возење на вело-турата или посетата на некое ново село, ме фасцинира исто како кога прв пат отидов таму во 2009 година. Во разни прилики Мариово сме го претставиле на преку педесетина странски туристи, новинари, фотографи, истражувачи, историчари и авантуристи. Сите го согледуваат истиот огромен потенцијал на областа. Но, често во ваква прилика го цитирам Енди, кој ми рече: „Боби, и на други места во Европа има вакви напуштени региони без население, со ваква архитектура и духовност, со ваков потенцијал за авантуристички туризам. Но, само Мариово е дел од Македонија. Комбинацијата од она што има да го понуди Мариово, заедно со Македонија го прави единствено. Токму затоа треба да се посети тоа место“.
Иначе за Мариово веќе се пишуваше во неколку странски списанија за туризам. И ние се стремиме да го прикажеме на што е можно повеќе домашни и странски гости, но сепак да не се наруши неговиот спокој и убавина. Причините заради кои го посетуваме.

10.Како го замислуваш Мариово Офф Роуд во иднина?

– Фестивалот Mariovo off-road experience се развива токму во правецот што го замисливме во 2012 година. А тоа е преку разни спортски активности да привлечеме што е можно повеќе луѓе да уживаат во него и да го истражуваат. Сепак, со текот на времето правиме одредени измени кои што ја следат првичната замисла. Имам зацртано дека на десеттото издание ќе понудиме десет спорта што ќе бидат подеднакво возбудливи и привлечни за многу посетители, но сепак вистински љубители на Мариово.

11.Уште колку убавина има да понуди Мариово? Што уште крие?

– Не знаеме што е следно што Мариово ќе ни понуди. Тоа е толку таинствено и затворено, што навистина треба убаво да се потрудиш за да го откриеш. Мариово е многу суров крај. Многумина понекогаш се жалат за тежината на турите што се возат или планинарењето, но токму тоа е Мариово. Тука нема многу простор за креирање нови рути. До максимум го користиме она што ни го нуди просторот и сме му благодарни за тоа. Треба да бидеме среќни што си го имаме и го користиме за нешто што нас не исполнува. Мариово е единствено во Македонија заради теренот, типот на патеките, типот на подлогата, суровоста, богатството на вода во доловите, но сепак малкуте извори. И затоа не смееме да го потцениме. Како вистински посветени спортисти мораме да бидеме подготвени за секаква ситуација и опремен и со сите неопходни работи и да прифатиме дека возењето на турата или планинарењето можеби ќе потрае малку подолго од што сме планирале.

12.Како за крај…

– Ги канам сите авантуристи што го сакаат Мариово да го посетат фестивалот и заедно да уживаме во тишината и авантурата што тоа има да ни ја понуди. Се гледаме на MARIOVO OFF-ROAD EXPERIENCE 2017.